ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
АПЕЛАЦИОНИТО СУД ВО ШТИП во совет составен од судиите: Киро Бојаџиски - претседател на советот и членови Ангел Стојанов и Славчо Тасев, со записничар Љубица Иванова, решавајќи по жалбата изјавена од обвинетиот T. Џ.од с.Ц. - П. преку бранителот Г. Б., адвокат од Б., против пресудата на Основниот суд во Берово К.бр.13/2009 од 10.08.2009 год., на одржаната седница на советот на ден 14.07.2010 год. ја донесе следната:
П Р Е С У Д А
Жалбата изјавена од обвинетиот T. Џ.од с.Ц. - П., преку бранителот Г. Б., адвокат од Б.,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
Пресудата на Основниот суд во Берово К.бр.13/2009 од 10.08.2009 год.,- СЕ ПОТВРДУВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Основниот суд во Берово со обжалената пресуда К.бр.13/2009 од 10.08.2009 год. обвинетите Д. М., И. З. иЖ. С., сите од с.Ч. и обвинетиот Т. Џ. од с.Ц. ги огласил за виновни за кривично дело “Учество во тепачка“ од чл.132 ст.1 од КЗ и ги осудил на казна затвор во траење од по 3 (три) месеци. Обвинетите се задолжени да платат паушал износ од по 1.000,оо денари во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата. Оштетениот С. Џ. од с.Ц. за своето имотно-правно побарување е упатен на граѓански спор.
Од ваквата пресуда останал незадоволен обвинетиот T. Џ.од с.Ц., кој во благовремен рок поднел жалба преку бранителот Г. Б., адвокат од Б. и пресудата ја напаѓа поради: суштествени повреди на одредбите од ЗКП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, повреда на КЗ и одлуката за казната, со предлог жалбата да се уважи, пресудата укине и предметот врати на повторно судење или пресудата да се преиначи, така што обвинетиот да се ослободи од обвинение.
Јавниот обвинител при Вишото јавно обвинителство во Штип, Олгица Јорданова, достави свој писмен предлог Кож.бр.371/10 од 12.07.2010 год., со кој предлага жалбата на обвинетиот Т. Џ. од с.Ц. - П. поднесена преку бранителот Г. Б., адвокат од Б., да се одбие како неоснована, а првостепената пресуда да се потврди.
Апелациониот суд во Штип на одржаната седница на советот одлучувајќи по поднесената жалба, а по оцена на наводите во истата, пресудата, списите по предметот и предлогот на застапникот на обвинението, најде дека:
Жалбата е неоснована.
Неосновани се жалбените наводи на обвинетиот за сторени суштествени повреди на одредбите од чл.355 ст.1 т.11 од ЗКП. По оцена на овој суд првостепената пресуда е јасна, разбирлива и непротивречна на изведените докази. Утврдени се сите решителни факти врз основа на кои е одлучено за постоење на кривичното дело за кое се терети обвинетиот. Решителните факти произлегуваат од изведените докази во текот на доказната постапка, па затоа не постои нивна меѓусебна противречност. Во образложението на пресудата првостепениот суд дал доволно причини за сите решителни факти кои што ги сочинуваат објективните и субјективните елементи на кривичното дело “Учество во тепачка“ по чл.132 ст.1 од КЗ, кое обвинетиот Т. заедно со обвинетите Д., И. и Ж. го сториле на начин подробно опишан во изреката на првостепената пресуда. Првостепениот суд јасно наведува на кои докази им поклонил верба и од кои причини и зошто одбраната на обвинетиот ја одбил како неоснована и не ја зел во предвид при утврдување на релевантните факти.
Фактичката состојба која ја утврдил првостепениот суд е правилна и целосна и како таква ја прифаќа и овој суд, бидејќи од изведените докази на кои судот со право им поклонил верба неспорно се утврдило дека на ден 29.12.2008 год. околу 01:30 часот на ул: “О. Н.“ во П. пред кафе барот “Т.“ обвинетите свесни за своето дело и сакајки го неговото извршување учествувале во тепачка, на начин што од една страна обвинетите Д., И. и Ж., а од друга страна оштетениот С. и обвинетиот Т. започнале меѓусебна расправија, после што започнале меѓусебно физички да се пресметуваат, во која лицата од двете страни размениле по неколку удари со раце, а откако оштетениот С. паднал на земјата, обвинетите Д., И. и Ж. почнале да го удараат оштетениот С. и со нозете, во која тепачка на оштетениот С. му е нанесена тешка телесна повреда - скршеница повекефрагментна на десната подколеница. Релевантниот факт дека на оштетениот С. му е нанесена тешка телесна повреда - скршеница на десната подколеница се потврдува од писмените докази - отпусната листа и приложеното лекарско уверение, а дека оваа тешка телесна повреда му е нанесена на начин како што утврдил првостепениот суд во изреката на првостепената пресуда и во фактичката состојба се потврдува од исказот на оштетениот С., делумно од исказите на сведоците Н. А. и Н. Ј., како и од одбраната на обвинетиот Т. Џ.. Жалбените наводи на обвинетиот Т. дека кај него не постои кривична одговорност, бидејќи тој дејствувал со цел да го одбрани оштетениот С. од нападите на обвинетите Д., И. и Ж. се неосновани, бидејќи се во контрадикторност со изведените докази. Имено обвинетите Д., И. и Ж. јасно наведуваат дека во оваа тепачка учествувал и обвинетиот Т. кој физички ги нападнал обвинетите Д., И. и Ж., ударајќи ги со рацете по лицето. Во контекст на ова е и исказот на оштетениот С. Џ., кој наведува дека не ја исклучува можност и Т. да удрил по некој од тројцата обвинети. Во конкретниот случај постои меѓусебна тепачка помеѓу Д., И. и Ж. од една страна и Т. и С. од друга страна, кои мегусебно си задавале удари еден према друг, истите го сакале извршувањто на кривичното дело, поради што овој суд ги одби жалбените наводи дека обвинетиот од друг (од оштетениот С.) отстранувал истовремен противправен напад, односно да делувал во нужна одбрана. Во контест на ова е и исказот на обвинетиот И. З., кој истакнува дека Т. и оштетениот С. со клоци го ударале Д. кој лежел на земјата, а овој релевантен факт се потврдува и од самиот обвинет Д., кој ги потврдил овие факти дека С. и Т. го ударале со клоци кога тој лежел на земјата, што значи дека обвинетиот Т. активно учествувал во тепачката и не одбвивал истовремен противправен напад. Тоа што сведоците Н. А. и Н. Ј. потврдиле дека го виделе моментот кога Т. и С. лежеле на земјата, а прво, второ и третообвинетиот го напуштале местото на настанот, по оцена на овој суд е момент кој се случил на крајот од физичката пресметка, а овие сведоци не биле присутни на самиот почеток на физичката пресметка, поради што овој суд ги одби жалбените наводи во овој контекст.
На вака правилно и целосно утврдена фактичка состојба првостепениот суд правилно го применил КЗ, кога обвинетиот го огласил виновен за кривично дело “Учество во тепачка“ по чл.132 ст.1 од КЗ, бидејќи во неговите дејствија во целост се содржани елементите на ова кривично дело.
Изречената какзна затвор во траење од 3 (три) месеци по оцена на овој суд е правилна и законита и истата одговара на степенот на неговата кривична одговорност со која ќе се постигнат целите на казнување во смисла на чл.32 од КЗ.
Од погоре изнесеното, а согласно чл.375 од ЗКП се одлучи како во изреката.
Пресудено во Апелационен суд - Штип, на ден 14.07.2010 год. под Кж.бр.399/10.
Записничар, Претседател на советот,
Љубица Иванова с.р. Киро Бојаџиски с.р.
ПОУКА: Против оваа пресуда не е дозволена жалба.