АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП во совет составен од судиите: Киро Бојаџиски - претседател на советот и членови Ангел Стојанов и Славчо Тасев, со записничар Љубица Иванова, решавајќи по жалбата изјавена од обвинетиот Б. В.од с.Д. Б.преку неговиот бранител Б. Ц., адвокат од Ш., против пресудата на Основниот суд во Штип К.бр.544/09 од 20.05.2010 година, на одржаната седница на советот на ден 14.07.2010 год. го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е
По повод изјавената жалба од обвинетиот Б. В.од с.Д. Б.преку неговиот бранител Б. Ц.,адвокат од Ш., а по службена должност, пресудата на Основниот суд во Штип К.бр.544/09 од 20.05.2010 година,- СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно одлучување.
Жалбата на обвинетиот,- Е БЕСПРЕДМЕТНА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Основниот суд во Штип со обжалената пресуда К.бр.544/09 од 20.05.2010 год. обвинетиот Б. В.од с.Д. Б. го огласил за виновен за сторено кривично дело "Неплаќање издршка" од чл.202 ст.1 од КЗ, за кое му изрекол условна осуда со која му утврдува казна затвор во траење од 2 (два) месеци, чие извршување е одложено за време од една година, по услов да не стори ново кривично дело. Со пресудата на обвинетиот му се наложува да плати на име издршка за малолетните К. и Н. В.преку нивната законска застапничкаА. К. од С. за периодот од 16.04.2006 година заклучно со месец Мај 2010 година, на име наплатена издршка сума во износ од 60.000,00 денари на десет еднакви рати од по 6.000,00 денари месечно, а воедно и уредно да плаќа издршка, почнувајќи од месец Јуни 2010 година – сума од 2.500,00 денари, се додека за тоа постојат законски услови.
Од ваквата пресуда останал незадоволен обвинетиот Б. В., кој во благовремен рок на ден 09.06.2010 год. преку својот бранител Б. Ц., адвокат од Ш., поднел жалба, со која пресудата ја напаѓа поради: суштествени повреди на одредбите од ЗКП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на материјалното право и погрешна одлука на казната, па предлага жалбата да се уважи, пресудата да се преиначи и обвинетиот да се ослободи или пресудата да се укине, а предметот да се врати на повторно судење.
Јавниот обвинител при Вишото јавно обвинителство од Штип Јасна Жежова, достави свој писмен предлог Кож.бр.358/10 од 12.07.2010 год., со кој предлага жалбата да се уважи, пресудата да се укине и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување.
Апелациониот суд во Штип на одржаната седница на советот ја разгледа поднесената жалба, па ценејќи ги жалбените наводи, обжалената пресудата и вршејќи увид во списите во предметот, а испитувајќи ја пресудата и по службена должност согласно чл. 367 од ЗКП, одлучи како во изреката од следните причини:
По оценка на овој суд првостепениот суд сторил суштествена повреда на одредбите од ЗКП во смисла на чл. 355 ст.1 т.9 од ЗКП, бидејќи со првостепената пресуда го пречекорува обвинението. Имено, обвинителниот предлог е поднесен затоа што обвинетиот Б. во временскиот период од 16.04.2006 до 31.11.2009 година одбегнувал да дава издршка на своите малолетни деца, а во диспозитивот на пресудата судот наведува дека обвинетиот е виновен за наведеното кривично дело, затоа што во временскиот период од 16.04.2006 заклучно со 24.12.2009 година одбегнува да дава издршка. Истото се наведува и во образложението на пресудата на страна 3 од пресудата. Со ова првостепениот суд го пречекорил обвинението, односно сторил суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од чл. 355 ст.1 т.9 од ЗКП, бидејќи на товар на обвинетиот му става неплаќање на издршка и за месец Декември 2009, што не е наведено во описот на поднесениот обвинителен предлог.
Сторената суштествена повреда на постапката е од апсолутен карактер, а која повреда има придонес и за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и поради што не може да се испита и правилната примена на КЗ, па затоа следуваше да се пресудата укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно судење.
При повторното судење првостепениот суд треба да ја има во предвид сторената суштествена повреда на постапката и истата да ја отстрани при повторното судење и одлучување, да ги има во предвид и жалбените наводи, на кое по изведување на сите докази и нивната анализа и оцена ќе може да донесе една правилна и законита одлука.
Поради горе изнесеното а врз основа на чл. 367 ст.1 т.1 в.в. со чл. 376 ст.1 од ЗКП се одлучи како во изреката.
Решено во Апелационен суд-Штип на 14.07.2010 година, под Кж.бр.385/10.
Записничар, Претседател на советот,
Љубица Иванова с.р. Киро Бојаџиски с.р.
ПОУКА: Против ова решение не е дозволена жалба.