Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Штип

20.07.2010   КЖ-206/10
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
                                                                                                                                                   АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП во совет составен од судиите: Киро Бојаџиски - претседател на советот и членови Ангел Стојанов и Славчо Тасев, со записничар Љубица Иванова, решавајќи по жалбата на Основниот јавен обвинител од Радовиш, по жалбата и одговорот на жалба на обвинетиот А. Ј. од Р.поднесени преку неговиот бранител М. П. М., адвокат од Ш. против пресудата на Основниот суд во Радовиш К.бр.12/06-II од 29.12.2009 год., на одржаната јавна седница во присуство на Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство во Штип - Методи Иванов, обвинетиот А. Ј. од Р. и неговиот бранител, адвокат М. П. М. од Ш., денес на ден 14.07.2010 год. ја донесе следната:

П Р Е С У Д А

    Жалбата изјавена од обвинетиот А. Ј. од Р.преку неговиот бранител, адвокат М. П. М. од Ш.,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

    Жалбата изјавена од Основниот јавен обвинител од Радовиш,- ДЕЛУМНО СЕ УВАЖУВА.

 Пресудата на Основниот суд Радовиш К.бр.12/06-II од 29.12.2009 год.,- СЕ ПРЕИНАЧУВА само во делот на одлуката на кривичната санкција, така што обвинетиот А. Ј. од Р., за кривичното дело за кое е огласен за виновен, СЕ ОСУДУВА  на парична казна со која му се утврдуваат 100 дневни глоби во вредност од по 10 евра за една дневна глоба или на парична казна од 1.000 евра во денарска противредност во износ од 61.000,оо денари,  сметано  1 (едно) евро по 61,оо денар според средниот курс на Народна Банка на Република Македонија, која да ја плати во рок од 15 дена по приемот на ова пресуда..

    Во останатиот дел првостепената пресуда,- СЕ ПОТВРДУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

    Основниот суд во Радовишсо обжалената пресуда К.бр.12/06-II од 29.12.2009 год. обвинетиот А. Ј. од Р.го огласил виновен за сторено кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл.300 ст.3 в.в. со чл.297 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ,  за кое му изрекува алтернативна мерка - условна осуда, со која му утврдува казна затвор во траење од 6 месеци, чие  извршување се одлага за рок од една година под услов да не изврши ново кривично дело. Го задолжува да плати паушал од 2.500,оо денари и ги надомести кривичните трошоци сумата од 21.241,оо денари, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

    Од ваквата пресуда останал незадоволен Основниот јавен обвинител од Радовиш, кој на ден 16.02.2010 год. поднел жалба, со која пресудата ја напаѓа по основ на суштествени повреди на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, повреда на КЗ и одлуката за кривичната санкција - изречената алтернативна мерка, па предлага жалбата да се уважи, пресудата укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување или истата да се преиначи и обвинетиот огласи за виновен во рамките на правната квалификација дадена со поднесениот обвинителен акт и му биде изречена ефективна казна пропишана со законот.

    Обвинетиот А. Ј. на ден 04.003.2010 год. преку својот бранител, адвокат М. П. М. од Ш., поднел одговор на жалбата, во кој предлага жалбата на Јавниот обвинител да се одбие како неоснована, а пресудата потврди.

    Против пресудата жалба изјавил на ден 05.03.2010 год. и обвинетиот А. Ј. од Р.преку својот бранител, адвокаст М. П. М. од Ш., со кој пресудата ја напаѓа поради одлуката за кривичната санкција, односно висината на утврдената казна во рамките на условната осуда, па предлага жалбата да се уважи, пресудата преиначи и на обвинетиот да му се утврди помала казна во рамките на условната осуда. Бара да биде известен за седницата на советот на овој суд заедно со својот бранител.

    Апелациониот суд во Штип постапувајќи врз основа на чл.361 од ЗКП ги достави изјавените жалби до Вишиот јавен обвинител во Штип, кој преку Јавниот обвинител Методи Иванов достави писмено Кож.бр.199/10 од 31.05.2010 год., со кое го известува судот дека предлог ќе даде на одржување на седницата на советот.

    Апелациониот суд во Штип закажа и одржа јавна седница на која пристапија странките, па во нивно присуство беа разгледани жалбите, одговорот на жалбата, обжалената пресуда, изведените докази, па овој суд ценејќи ги истите, како и предлозите на обвинетиот и бранителот на обвинетиот да жалбата и одговорот на жалбата се уважат, а жалбата на Јавниот обвинител да се одбие како неоснована и прдлогот на Јавниот обвинител да жалбата на обвинетиот се одбие како неоснована, а на Јавниот обвинител делумно уважи, одлучи како во изреката на ова пресуда од следните причини:

    Неоснован е жалбениот навод на Основниот јавен обвинител од Радовиш дека утврдената фактичка состојба во обжалената пресуда е погрешна и нецелосна. Напротив по оцена  на овој суд утврдената фактичка состојба е правилна и целосна, бидејќи првостепениот суд постапувајќи по укажувањата на Врховниот суд на Република Македонија во одлуката Квп.бр.222/08 од 01.10.2008 год. при повторното судење, од изведените докази во текот на главниот претрес, како што се записникот за увид на лице место, фото албумумот, скицата од лице место, лекарското уверение, извршеното вештачење од Бирото за судски вештачења - С., писменото известување од Институтот за судска медицина и криминалистика - С. од 22.11.2009 год., исказите на сведокот В. М., и вешите лица Д-р. М. С. и К. К., правилно утврдил дека обвинетиот Ј. на начин, време и место опишан како во изреката на пресудата, постапувајќи спротивно на чл.35 ст.1 од ЗБСП го сторил кривичното дело “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл.300 ст.3 в.в. со чл.297 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, за кое е огласен за виновен.

    Од исказот на вештото лице Д-р.М. С. утврдено е дека оштетената Г. Р. од сообраќајната незгода задобила тешки телесни повреди, опишани во изреката на пресудата и била префрлена во С. во болница на интензивна нега, а потоа на Клиниката за трауматологија до 10.12.2005 год., а потоа е префрлена пак на интензивна нега каде починала на 12.01.2006 год. Неспорно е дека над телото на оштетената - сега покојната Г. не е извршена обдукција и од тие причини имајќи го во предвид известувањето од Институтот за судска медицина и криминалистика при РО Медицински факултет - С., дека врз постоечката медицинска документација без извршена судско медицинска обдукција не може со сигурност да се одреди причината за смртта на оштетената, а без неа ниту да се одреди причинско последичната врска помеѓу задобиените  телесни повреди кај истата и смртниот исход, правилно првостепениот суд утврдил дека со противправните дејствија на обвинетиот Ј. се остварени елементите на кривичното дело “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл.300 ст.3 в.в. со чл.297 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, а не од чл.300 ст.4 в.в. со чл.297 ст.3 од КЗ.

    На правилно утврдена фактичка состојба  првостепениот суд правилно го применил и матерјалното право - КЗ, кога обвинетиот го огласил виновен за кривично дело “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл.300 ст.3 в.в. со чл.297 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ , бидејќи и по оцена на овој суд во дејствијата на обвинетиот се содржани елементите на ова кривично дело.

    Овој суд ја уважи делумно жалбата на Основниот обвинител во Радовиш за одлуката за изречената кривична санкција, па притоа ценејќи ги сите околности од чл.39 од КЗ, особено олеснителите околности кои се ценети и од првостепениот суд, а без да се игнорираат отежителните околности, како тежината на делото, зачестеноста на вој вид на кривични дела, а со примена на чл.41 ст.1 т.8 од КЗ, овој суд го осуди обвинетиот Ј. на парична казна во износ од 61.000,оо денари, ценејкќдека и со една ваква ублажена казна би се оствариле целите на казнувањето од чл.32 од КЗ. Поради изнесените причини за казната, жалбата на обвинетиот за кривичната санкција е неоснована.

    Поради горе изнесеното, а врз основа на чл.377 од ЗКП се одлучи како во изреката на ова пресуда.

    Пресудено во Апелационен суд - Штип, на ден 14.07.2010 год. под Кж.бр.206/10.

    Записничар,                          Претседател на советот,
    Љубица Иванова с.р.                  Киро Бојаџиски с.р.

    ПОУКА: Против ова пресуда не е дозволено право на жалба.

Назад