Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Штип

22.07.2010   КЖ-7/10
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
                                                                                                                                               АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП во совет составен од судиите: Корнелија Давчева - претседател на советот и членови  Киро Бојаџиски и Ангел Стојанов, со записничар Љубица Иванова, решавајќи по жалбата на Основниот јавен обвинител од Кочани, по жалбата на обвинетиот С. Т. од К.и по жалбата на обвинетиот Д. Д. од с.С.поднесена преку неговиот бранител С. А. ,адвокат од К. , против пресудата на Основниот суд во Кочани К.бр.62/06 од 18.09.2009 год., на одржаната јавна седница во присуство на Јавниот обвинител при Вишото Јавно обвинителство во Штип - Методи Иванов и обвинетиот С. Т. од К., денес на ден 14.07.2010 год. ја донесе следната:

П Р Е С У Д А

Жалбита изјавена лично од обвинетиот С. Т. од К.и жалбата изјавена од обвинетиот Д. Д. од с.С.преку неговиот бранител С. А. ,адвокат од К. ,- СЕ ОДБИВААТ КАКО НЕОСНОВАНИ.

    Жалбата изјавена од Основниот јавен обвинител од Кочани,- СЕ УВАЖУВА.

Пресудата на Основниот суд Кочани К.бр.62/06 од 18.09.2009 год.,- СЕ ПРЕИНАЧУВА само во делот на одлуката на кривичните санкции, така што обвинетите С. Т. од К.,Д. Д. од с.С.и С. К. од с.С., за кривичното дело за кое се огласени за виновни, СЕ ОСУДУВААТ на казна ЗАТВОР во траење од по 6 (шест) месеци.

    Во останатиот дел првостепената пресуда,- СЕ ПОТВРДУВА.

                О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

    Основниот суд во Кочани со обжалената прсуда обвинетитеС. Т. од К.,Д. Д. од с.С.и С. К. од с.С. ги огласил виновни за сторено по едно кривично дело „Фалсификување на исправа“ од чл.378 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, за кои им изрекува алтернативна мерка - условна осуда, со која им утврдува казна затвор во траење од по 6 месеци, чие извршување се одлага за рок од една година под услов да не извршат ново кривично дело. Ги задолжува да платат на име паушал сумата од по 3.000,оо денари, како и солидарно да платат на оштетениот В. Д. трошоци по постапката сумата од 4.900,оо денари, а сето тоа во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата. Оштетениот В. Д. заради остварување на оштетното правно побарување е упатен на граѓански спор.

    Од ваквата пресуда останал незадоволен Основниот јавен обвинител од Кочани, кој на ден 19.10.2009 год. поднел жалба, со која пресудата ја напаѓа по основ на одлуката за кривичната санкција - изречената алтернативна мерка, па предлага жалбата да се уважи, пресудата преиначи и на тројцата обвинети им се одмери и изрече казна во границите на казната пропишана со законот.

    Против пресудата жалба изјавил на ден 20.10.2009 год. и обвинетиот С. Т. од К., кој пресудата ја напаѓа по основ на сторени суштествени повреди на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, повреда на КЗ и поради одлуката за изречената кривична санкција, па предлага жалбата да се уважи, пресудата да се укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно судење или истата да се преиначи и обвинетиот ослободи од обвинение. Бара да биде известен за седницата на советот на овој суд.

    Против донесената пресуда жалба на ден 08.10.2009 год. изјавил и обвинетиот Д. Д. од с.С.преку својот бранител, адвокат С. А. од К., со која пресудата ја напаѓа по основ на сторени суштествени повреди на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и повреда на КЗ, па предлага жалбата да се уважи, пресудата да се укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно судење.

    Апелациониот суд во Штип постапувајќи по чл.361 од ЗКП ги достави изјавените жалби со списите по предметот до Вишото јавно обвинителство Штип, кое со писмено Кож.бр.33/10 од 24.02.2010 год. го извести судот дека предлог ќе дадат на седницата на советот по изјавените жалби.

    Апелациониот суд во Штип закажа и одржа јавна седница во присуство на Јавниот обвинител при Вишото јавно обвинителство во Штип - Методи Иванов и обвинетиот С. Т., на која седница беа разгледани поднесените жалби. Јавниот обвинител предложи на седницата жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани, а жалбата на Јавниот обвинител од Кочани да се уважи, пресудата преиначи и на обвинетите да им се изречат казни во границите пропишани со закон. Обвинетиот С. на седницата ја подржа во целост својата жалба.

    Овој суд ценејќи ги жалбените наводи, обжалената пресуда, изведените докази во текот на претресот и вршејќи увид во списите по предметот, а имајќи ги во предвид и предлозите на странките одчучи како во изреката на пресудата од следните причини:

    Неоснован е жалбениот навод за сторени суштествени повреди на постапката од чл.355 ст.1 т.11 од ЗКП. По оцена на овој суд изреката на пресудата е јасна, разбирлива и испитлива, а во самото образложение на пресудата се наведени сите решителни факти кои се утврдени од изведените докази на кои судот им поклонил верба и врз основа на кои ја утврдил кривичната одговорност на тројцата обвинети за сторените кривични дела за кои се огласени за виновни.

    Утврдената фактичка состојба во обжалената пресуда по оцена на овој суд е правилна и целосна и воопшто не се доведува под сомнение со истакнатите жалбени наводи. Од изведените докази во текот на постапката, особено од Потврдата - солемнизацијата на Договорот за купопродажба ОДУ бр.94/2000 од 08.08.2000 год., вештачењето, Договорот за купопродажба на недвижен имот од 11.01.2000 год. заверен од нотарот С. Т., извршениот увид во поништената лична карта на починатиот В. Д., од увидот во уписникот ОДУ под реден бр.94, во корелација со изведените други писмени докази, како и изјавата на оштетениот В. Д. сослушан во својство на сведок, неспорно првостепениот суд го утврдил времето, местото како и начинот на извршување на кривичното дело од страна на обвинетиот С. како нотар и од страна на обвинетиот Д. Д.

    Истакнатите жалбени наводи дека не постои умисла кај обвинетиот С. како нотар за сторување на кривичното дело, бидејќи не му било предочено од страна на обвинетиот Д. дека В. Д. е покоен, се неосновани, дотолку повеќе што нема зошто да му се предочува кога тој како нотар по службена должност согласно чл.45 од Законот за вршење на нотарските работи (Службен весник на РМ бр.59/96 од 25.10.1996 год. кој важел во времето на солемнизацијата на Договорот) е должен “ако не ги познава учесниците лично и по име, нивниот идентитетот да го утврди со лична карта или патна исправа“ на купувачот и продавачот при солемнизацијата на договорот, бидејќи според чл.44 ст.2 од цитираниот закон потврдувањето на исправата се состои во заверување на потписите на странките, односно потврдување на нивната автентичност.... Ова од причина што од Договорот за купопродажба на недвижен имот од 11.01.2000 год. заверен од обвинетиот С. како нотар, како и од обраната на обвинетиот С. К. дадена во текот на истрагата, неспорно се утврдува дека нотарот С. го познавал покојниот В. Д. и неговата фамилија и на 11.01.2000 год. го заверил Договорот за купопродажба на недвижен имот меѓу В. Д. и обвинетиот С. К., а на 08.08.2000 год. извршил солемнизација на истиот договор и дозволил обвинетиот С. во „Општиот деловоден уписник - ОДУ“ под реден број 94 наместо В. Д. да се потпише обвинетиот Д. Д., иако знаел дека неговиот брат В. починал на 21.05.2000 год., односно по заверката на Договорот закупопродажба. Дека обвинетиот С. знаел и се познавал со фамилијата на покојниот В. се потврдува и од одбраната на обвинетиот С. дадена во истрагата, кој наведува дека после солемнизацијата обвинетиот С. и обвинетиот Д. заминале на ручек.

    Неосновани се жалбените наводи и за повреда на КЗ, односно дека во конкретниот случај постојат околности кои го исклучуваат кривичното гонење т.е. обвинетиот С. да бил доведен во стварна заблуда. Дека обвинетиот С. не бил во стварна заблуда неспорно се утврдува од Договорот за купопродажба на недвижен имот склучен помеѓу сега починатиот В. Д. и обвинетиот С. К., така што во моментот на вршењето на солемнизацијата во договорот склучен на 11.01.2000 год. добро знаел дека  обвинетиот Д. не е лицето кое го има склучено Договорот за купопродажба.

    Истакнатите жалбени наводи од обвинетиот Д. Д. дека од ниту еден доказ не може со сигурност да се утврди дека тој се потпишал во општиот деловоден уписник ОДУ под реден број 94, се неосновани. Ова од причина што од изведените писмени докази во корелација со изјавата на оштетениот и одбраната на обвинетиот С., овој факт неспорно се утврдува, а особено од спроведеното графолошко вештачење дека ракописот, односно потписот ставен под личните податоци на покојниот В. Д. е идентичен со неспорниот ракопис земен од обвинетиот Д. Д.

    Поради изнесеното правилно првостепениот суд обвинетите С., Д. и С. ги огласил за виновни за по едно кривично дело “Фалсификување на исправа“ од чл.378 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, бидејќи и по оцена на овој суд во нивните дејствија се содржани елементите на ова дело. Неоснован е жалбениот навод на обвинетиот С. дека не е сторено делото, бидејќи немало остварена матерјална корист, немало настапено штетни последици, странките немале штета, да делото било од мало значение, бидејќи објект на заштита на ова кривично дело е правниот сообраќај кој е еден од сегментите за функционирањето на правната држава и остварувањето на правниот поредок во кој меѓу луѓето и другите субјекти се засниваат и одвиваат одредени општествени односи кои се правно регулирани.

    Овој суд жалбените наводи на обвинетите С. и Д. по однос на изречената санкција ги одби како неосновани, а ја уважи жалбата на Основниот јавен обвинител од Кочани и преиначи првостепената пресуда осудувајќи ги тројцата обвинети, за стореното кривично дело за кое се огласени за виновни, на казна затвор во траење од по 6 (шест) месеци. Ова од причина што првостепениот суд ги преценил олеснителните околности од чл.39 од КЗ наспроти отежителните, особено тежината на делото која се огледа преку запретената казна од 3 месеци до 5 години за ова дело според КЗ, степенот на вината на обвинетите, општествената опасност од сторените дела, па овој суд цени дека само со едни вакви ефективни казни затвор би се остварила целта на казнувањето од чл.32 од КЗ.

    Поради горе изнесеното, а врз основа на чл.377 од ЗКП се одлучи како во изреката.

    Пресудено во Апелационен суд - Штип, на ден 14.07.2010 год. под Кж.бр.7/10.

    Записничар,                          Претседател на советот,
    Љубица Иванова с.р.                  Корнелија Давчева с.р.

    ПОУКА: Против ова пресуда не е дозволено право на жалба.

Назад