АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП, во совет составен од судиите: Киро Бојаџиски- претседател, Наќе Гeорѓиев и Кирче Донев- членови, при записничар Гордана Филова, постапувајќи по предлогот за издавање на привремена мерка за обезбедување на непарично побарување на предлагачот Ц. Ф. од Б. против противниците И.А. од Б. и доо Б. во стечај -Ш., а по жалбата изјавена од жалителот-предлагачот Ц. Ф. од Б. против решението на Основниот суд во Штип П-1 бр..1/10 од 06.05.2010 година на одржаната седница на ден 21.07.2010 година го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од жалителот-предлагачот Ц. Ф. од Б. ,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
Решението на Основниот суд во Штип П-1 бр.1/10 од 06.05.2010 година,- СЕ ПОТВРДУВА.
О б р а з л о ж е н и е
Основниот суд во Штип со решение П-1 бр.1/10 од 06.05.2010 година предлогот на предлагачот за опредлување на привремена мерка заради обезбедување на непарично побарување, со кој бара да им се забрани на тужените да превземат дејствија за отуѓување и оптоварување на недвижниот објект во Б. на ул.„О. Н.“ бр.х со површина од 37 м.кв. заведен под Кп.бр.6081 за КО Б., се до правосилно завршување на овој спор, го одбил како неоснован.
Од ваквата одлука останал незадоволен предлагачот кој во навремен рок поднел жалба поради суштествени повреди на одредбите од ЗПП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, па предлага жалбата да се усвои, а побиваното решение укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување.
Апелациониот суд во Штип ги разгледа жалбата и сите списи во предметот, го испита побиваното решение во смисол на чл. 354 од ЗПП па најде:
Жалбата е неоснована.
Овој суд испитувајќи ја побиваната одлука во границите на жалбените причини, а по службена должност внимавајќи на примена на материјалното право и на повреда на одредбите на парничната постапка од чл.343 ст.2 т.1, 2, 3, 5, 10, 11, 13 и 14 од ЗПП, најде дека вакви повреди не се сторени од страна на првостепениот суд при донесувањето на побиваната одлука.
Изреката на побиваната одлука е јасна и разбирлива, а во образложението на истата се наведени доволно причини за решителните факти кои не противречат на изведените докази, а од кои се раководел судот при одлучувањето, поради што истата е подобна за испитување од страна на овој суд.
Од изнесените факти во предлогот за издавањето на привремената мерка заради обезбедување на непарично побарување како и од изведените докази во текот на постапката, првостепениот суд правилно утврдил дека предлагачот Ф. Ц. преку своите полномошници, до Основниот суд во Штип поднела тужба за поништување на продажбата на деловниот објект кој што се наоѓа на ул.„О. Н.“ бр.х со површина од 37 м.кв. заведен под Кп.бр.608 за КО Б. извршена во стечајна постапка што се водела пред Основниот суд во Штип под Ст.бр.117/94, со посебно барање - предлог за издавање на привремена мерка за обезбедување на непарично побарување према противниците И.А. од Б. и доо Б. во стечај Ш., со кој ќе им се забрани да превземат било какви дејствија во смисла на отуѓување или оптоварување на недвижниот имот - деловниот објект претходно наведен. Првостепениот суд утврдил дека пред Основниот суд во Б. исто така била поднесена тужба заведена под П.бр.315/09 со која предлагачот Ц. Ф. барала утврдување на право на сопственост врз истиот деловен објект со предлог за издавање на привремена мерка, кој предлог за издавање на привремена мерка е одбиен како неоснован со решение П.бр.315/09 од 03.09.2009 година, а тужбата во меѓувреме била повлечена пред овој суд. Судот утврдил дека деловниот објект кон кој е насочена предложената привремена мерка бил купен од страна на првотужениот на одржаното јавно наддавање на ден 22.11.2008 година на кое како единствен купувач се јавил првотужениот, а со решение Ст.бр.117/94 на Основниот суд Штип од 26.12.2008 година била потврдена извршената продажба на деловниот објект на купувачот односно првотужениот, кое решение преставувало правен основ за пренос на правото на сопственост во катастарските книги. Првотужениот деловната просторија ја запишал во катастарската евиденција на свое име и добил Пл.бр.1213/4203 од 11.02.2009 година поради што истиот немал намера овој деловен објект ниту да го отуѓува ниту на друг начин оптоварува. Судот утврдил дека предлагачот Ф. Ц. во извршна постапка била иселена од деловниот простор и истиот бил испразнет од предмети и луѓе и предаден во владение на првотужениот.
На вака утврдените факти, првостепениот суд правилно го применил и материјалното право кога одлучил како во изреката на побиваната одлука .
Согласно чл.35 од Законот за обезбедување на побарувањата е предвидено: „За обезбедување на непарично побарување може да се дозволи привремена мерка ако доверителот го сторил веројатно постоењето на побарувањето и опасноста дека инаку остварувањето на побарувањето ќе се осуети и значително отежни.“
Согласно чл.36 ст.1 од Законот за обезбедување на побарувањата е предвидено: „За обезбедување на непарично побарување може да се дозволи секоја привремена мерка со која се постигнува целта на таквото обезбедување а особено:
т.2 -забрана за отуѓување и оптоварување на недвижност кон која е насочено побарувањето, со прибелешка на забраната во јавна „.
Во конкретниот случај имајќи ги во предвид претходно цитираните законски одредби како и претходно изнесените причини, овој суд смета дека не се исполнети законските претпоставки за издавање на предложената привремена мерка, па така првостепениот суд правилно постапил кога одлучил како во изреката на побиваната одлука, а поради следното:
Од увидот во списите во предметот како и од изведените докази овој суд констатира дека првотужениот се стекнал со правото на сопственост на деловниот објкет кон кој е насочен предлогот за издавање на привремената мерка, врз основа на извршна исправа - извршна судска одлука Ст.бр.117/94 од 26.12.2008 година на Основниот суд во Штип, која одлука е потврдена од страна на Апелациониот суд во Штип со решение Тсж.бр.103/2009 од 12.03.2009 година со образложение од страна на овој суд дека продажбата на деловниот објект кон кој е насочена предложената привремена мерка е извршена согласно Законот за извршна постапка и Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација кои важеле во тој период, поради што жалбениот навод на жалителот дека стечајниот должник не бил сопственик на деловниот простор што се продава го одбил како неоснован, а обжаленото решение донесено од страна на првостепениот суд во согласност со законските прописи , од што неспорно произлегува дека извршна исправа врз основа на која првотужениот се стекнал со правото на сопственост не е укината, поништена или на друг начин ставена вон правна сила, па од овие причини овој суд смета дека предлагачот во текот на постапката не го докажал односно сторил веројатно постоењето на побарувањето, а од друга страна околноста дека е поднесена тужба од страна на предлагачот за поништување на продажбата и утврдување право на сопственост на деловниот објект кон кое е насочен предлогот за издавање на привремена мерка, неможе самата по себе да преставува основ за дозволување на предложената времена мерка, и истото ќе биде предмет на одлучување по главната работа.
По наоѓање на овој суд од изведените докази во текот на постапката пред првостепениот суд, предлагачот исто така не докажал дека противникот превземал било какви конкретни дејствија и постапки за отуѓување, прикривање или на друг начин располагање на недвижниот имот кон кој е насочена предложената привремена мерка, ниту пак дека постои било каква друга околност која е независна од волјата на противникот (објективна опасност), дека инаку остварувањето на побарувањето на предлагачот ќе се осуети или значително отежне.
Oд сето погоре изнесено, а согласно чл.370 од ЗПП се одлучи како во изреката на оваа одлука.
АПЕЛАЦИОНЕН СУД - ШТИП, 21.07.2010 год.
Претседател на советот,
Киро Бојаџиски с.р.