АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП, во совет составен од судиите: Киро Бојаџиски- претседател, Наќе Гeорѓиев и Кирче Донев- членови, при записничар Гордана Филова, решавајќи по предлогот на предлагачот ЈУ МЦСР Б., против противниците Љ. и О. Ј. и двајцата од П., а по жалбата изјавена од жалителот-предлагачот ЈУ МЦСР Б. против решението на Основниот суд во Берово ВПП бр.7/10 од 10.05.2010 година на одржаната седница на ден 20.07.2010 година го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од жалителот-предлагачот ЈУ МЦСР Б.,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
Решението на Основниот суд во Берово ВПП бр.7/10 од 10.05.2010 година,- СЕ ПОТВРДУВА.
О б р а з л о ж е н и е
Основниот суд во Берово со решение ВПП бр.7/10 од 10.05.2010 година предлогот на ЈУ МЦСР Б. за одземање на вршењето на родителското право на противниците, родители на малолетните деца А. Ј. и В. Ј., поради негрижа за заштита на нивните права и интереси, го одбил како неосновано.
Од ваквата одлука останал незадоволен предлагачот кој во навремен рок поднел жалба поради суштествени повреди на одредбите од ЗПП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, па предлага жалбата да се усвои, а побиваното решение укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување.
Апелациониот суд во Штип ги разгледа жалбата и сите списи во предметот, го испита побиваното решение во смисол на чл. 354 од ЗПП па најде:
Жалбата е неоснована.
Жалителот во жалбата наведува дека првостепената одлука ја напаѓа поради суштествена повреда на постапката без да наведе конкретно во што се состои таа повреда. Од овие причини овој суд,а согласно чл.354 од ЗПП ја испита побиваната одлука и утврди дека првостепениот суд нема сторено суштествени повредаи од чл.343 ст.2 т.1, 2, 3 , 5, 10, 11, 13 и 14 од ЗПП, а на кои повреди судот внимава по службена должност.
Неосновани се жалбените наводи на жалителот за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.
Од изведените докази првостепениот суд утврдил дека противниците О. и Љ. Ј. се брачни другари, живеат во П. во нивна семејна куќа. Тие имаат две малолетни деца, А. на возраст од 12 години, ученик во 6-то одделение и В. на возраст од 10 години, ученичка во 4-то одделение во основното училиште „В.К.“ П.. О. е со завршено осмогодишно училиште и има приватна фирма. Љ. е со завршено средно образование, не е вработен, претходно работниот однос му престнал поради технолошки вишок, се занимава со сточарство и моментално се наоѓа на издржување казна затвор во С. Двајцата потекнуваат од семејство кое не може да им пружи материјална и морална подршка. Од 2006 година биле евидентирани кај предлагачот како семејство во кое се изразуваат брачни конфликти, во тој период имале и финансиски проблеми. До 2008 година биле корисници на социјална парична помош. По пријава од О., против Љ. била покрената постапка за семејно насилство затоа што на 24.02.2009год. во состојба на пијанство физички го нападнал и со стап го изударал синот нанесувајќи му телесна повреда, за ова бил осуден на казна затвор од 6 месеци со пресуда К.бр.20/09 од 01.04.2009 година. Со решение Р.бр.157/08 од 26.03.2009 година му била изречена привремена мерка за заштита од семејно насилство. Односите помеѓу Љ. и О. биле нарушени поради консумирање на алкохол и од двајцата, а посебно од Љ.. Семејната средина станала небезбедна, нестабилна но и покрај ваква состојба љубовта на родителите и децата е застапена, тие се поврзани и лојални едни на други. Од ЈУ МЦСР Б. била превземена мерка постојан надзор на вршење на родителските права од 28.01.2009 година до 28.01.2010 година, при што дошло до извесни резултати.Со решение број 07-437/2 и решение број 07-438/2 од 5.12.2008 год. децата биле ставени под старателство на органот на старателство. Со решение број 07-437/20 бил определен постојан надзор на вршење на родителското право на родителите и одлучено да престане важноста на решението број 07-438/1. Во текот на проверката на спроведување на привремената мерка имало интервенција од МВР. Против родителите имало покренато постапки од ОЈО Кочани за кривични дела „тешка кражба“. Со пресуда К.бр.157/09 Љ. бил осуден на казна затвор од една година и шест месеци. Со пресуда К.бр.259/09 О. била осудена на казна затвор од 1 година и 4 месеци. Со пресуда К.бр.214/09 од 20.11.2009 година О. била осудена за кривично дело „тешка кражба“. Љ. имал здравствени проблеми со срцето, ангина пекторис и шекерна болест за кои редовно примал терапија. О. се грижи за децата за храна,хигиена и за нивните школски обврски. Малолетната В. е примерен и солиден ученик со многу добар успех, послушна и знае да се однесува и со постари и други деца, редовно доаѓа на училиште, хигиенски не е запуштена. А. е добар во училиштето и нема посебни поплаки.
На вака целосно и правилно утврдена фактичка состојба, првостепениот суд правилно го применил и материјалното право кога го донел нападнатото решение со кое предлогот на предлагачот за одземање на вршење на родителско право на противниците, родители на малолетните А. и В. поради негрижа за заштита на нивните права и интереси го одбил како неосновано.
Во чл.90 од Законот за семејството (пречистен текст) е предвидено: „На родителот кој го злоупотребува вршењето на родителското право или грубо го занемарува вршењето на родителските должности по прибавено мислење од центарот за социјална работа, му се одзема вршењето на родителското право со решение на судот, во вонпроцесна постапка. Како злоупотреба или грубо занемарување на родителските должности во смисла на ст.1 од овој член, ќе се смета ако родителот: спроведува физичко или емоционално насилство над детето, полово го искористува детето, го присилува детето на работа која не одговара на неговата возраст, му дозволува употреба на алкохол, дрога и други психотропни супстнци, го наведува детето на општествени неприфатливи поведенија- го напушта детето и подолго од 3 месеци не се грижи за детето и на кој било друг начин грубо ги крши правата на детето. На родителот може да му биде одземено вршењето на родителското право во поглед на сите деца или во поглед на некое од нив.“
Од изведените докази првостепениот суд утврдил дека Љ. со кривична пресуда бил обвинет за кривично дело „телесна повреда“ над А. и осуден на казна затвор од 6 месеци. Му биле изречена и привремена мерка забрана за емотивно и физичко малтретирање на децата и консумирање на алкохол. Потоа со пресуда Љ. и О. биле обвинети за кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетни деца.“ Со решение од 2009 година бил определен постојан надзор на вршење на родителско право. Првостепениот суд утврдил дека проблемите со алкохол и невработеност преминале и на подрачјето на чување и одгледување на децата. Од изјавата на педагогот во училиштето првостепениот суд утврдил дека напредува состојбата во однос на подобрување на грижата за децата и нема ескалација на нивна негрижа со занемарување на децата од страна на мајката. Исто така утврдил дека децата немаат незадоволено основни потреби за живот и не се запоставени хигиенски. Првостепениот суд имајќи го во предвид мислењето на стручниот тим од ЦСР,на социјалниот работник утврдил дека нема основа да се толкува дека родителите го злоупотребуваат вршењето на родителското право и грубо го занемаруваат вршењето на родителските должности како и спроведување на физичко и емоционално насилство над децата. Со превземените мерки од центарот преку постојан надзор на вршење на родителското право, со кој судот потполно се согласува, е подобрена состојбата,а нема ограничување да бидат превземени и други мерки кои Законот за семејството ги предвидува во смисла на заштита на децата. Со превземање на повеќе мерки може да се обезбеди контрола во вршењето на родителските права на противниците врз нивните деца. Имајќи ги во предвид изведените докази, првостепениот суд правилно утврдил дека во конкретниот случај не се исполнети условите за донесување на одлука со која ќе им се одземе вршењето на родителското право на противниците над нивните две малолетни деца.
Овој суд ги ценеше жалбените наводи на жалителот дека родителите биле предупредени писмено за недостатоците во вршењето на родителските права. Понатаму жалителот наведува дека на родителите со соодветни судски одлуки им се изречени казни поради нивното криминогено однесување кое со оваа одлука е занемарено. Необезбедувањето на здравствената заштита, лошата материјална состојба го доведува во прашање нормалното функционирање и задоволување на потребите на децата. Овие жалбени наводи се неосновани. Првостепениот суд имајќи ги во предвид сите изведени докази утврдил дека постои определено подобрување во односот на противниците спрема нивните малолетни деца. О. покажува интерес и грижа за децата, а од изјавата на педаготот се утврди дека децата покажуваат добар успех во учењето и се примерни во однесувањето на училиште. Имајќи ги во предвид ова првостепениот суд утврдил дека не се исполнети условите за определување на ваква мерка спрема противниците.
Oд сето погоре изнесено, а согласно чл.370 од ЗПП се одлучи како во изреката на оваа одлука.
АПЕЛАЦИОНЕН СУД - ШТИП, 20.07.2010 год.
Претседател на советот,
Киро Бојаџиски с.р.