АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП, во совет составен од судиите: Светолик Николов- претседател, Наќе Гeорѓиев и Јулијана Манчевска- членови, при записничар Гордана Филова, постапувајќи по предлогот за донесување на привремена мерка за обезбедување на непарично побарување, поднесен од предлагачот Здружение на в. Д. против противниците Ј. М. и др. а по жалбата изјавена од жалителот-предлагачот против решението на Основниот суд во Делчево Р.бр.9/2010 од 09.06.2010 година на одржаната седница на ден 14.07.2010 година го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од жалителот-предлагачот Здружение на в. Д.,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
Решението на Основниот суд во Делчево Р.бр.9/2010 од 09.06.2010 година,- СЕ ПОТВРДУВА.
О б р а з л о ж е н и е
Основниот суд во Делчево со решение Р.бр.9/2010 од 09.06.2010 година го одбил предлогот на предлагачот за донесување на предложената привремена мерка за обезбедување на непарично побарување, да се забрани на Централниот регистар на Р.М., да превземе дејствија за упис на промена и да врши било какви промени по поднесени пријави од противниците сите од Д., кај предлагачот како правен субјкет Здружение на в. Д. со ЕМБС ххх на органи на управување: Собрание, Извршен одбор, Претседател и Секретар, се до правосилното завршување на постапката.
Од ваквата одлука останал незадоволен предлагачот кој во навремен рок поднел жалба поради суштествени повреди на одредбите од ЗПП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, па предлага жалбата да се усвои, а побиваното решение укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно одлучување.
Апелациониот суд во Штип ги разгледа жалбата и сите списи во предметот, го испита побиваното решение во смисол на чл. 354 од ЗПП па најде:
Жалбата е неоснована.
Неосновани се жалбените наводи на жалителот дека првостепениот суд донесувајќи ја побиваната одлука сторил суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од чл.343 ст. 2 т. 13 од ЗПП, бидејќи изреката на побиваната одлука е разбирлива, непротивречи сама на себе си ниту на причините на одлуката. Во побиваната одлука се наведени доволно причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето па како таква побиваната одлука со сигурност може да се испита од страна на овој суд.
Неоснован е жалбениот навод на жалителот за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба. Првостепениот суд утврдил постоење на предлогот од предлагачот за донесување на привремена мерка за обезбедување на непарично побарување, да се забрани на Централниот регистар на Р.М., да превземе дејствија за упис на промена и да врши било какви промени по поднесени пријави од противниците, се до правосилното завршување на постапката. Судот утврдил дека предлогот за издавање на привремена мерка е поднесен од причина што на ден 03.05.2010 од страна на нелигитимно вонредно собрание, по покана од нелегитимен иницијативен одбор е извршена промена на легално избрани органи спротивно на законските и статутарните одредби, па оттука предлагачот смета дека се исполнети законските услови за дозволување на предложената привремена мерка.
На вака утврдената фактичка состојба, по наоѓање на овој суд, првостепениот суд правилно го применил материјалното право донесувајќи го побиваното решение
Според чл.36 од Законот за обезбедување на побарувањата: „За обезбедување на непарично побарување може да се дозволи секоја мерка со која се постигнува целата на таквото обезбедување, а особено: забрана на отуѓување и оптоварување на подвижни предмети кон кои е насочено побарувањето, како и чување на тие предмети; забрана на отуѓување и оптоварување на недвижност кон која е насочено побарувањето, со прибелешка на забраната во јавна книга; забрана на должникот да превзема дејствија што можат да му нанесат штета на доверителот, како и забрана да се извршат промени на предметите кон кои е насочено побарувањето, забрана на должниковиот должник на должникот да му ги предаде предметите кон кои е насочено побарувањето и плаќање на надоместок на плата на работникот за време на спор заради незаконитост на одлуката за престанување на работниот однос, ако е тоа неопходно за негова издршка и издршката на лицата кои според законот е должен да ги издржува,
По мислење на овој суд, правилен е заклучокот на првостепениот суд, дека предлагачот во конкретниот случај го нема својството на доверител, ниту пак противниците се во својство на должници од некое парично или непарично побарување и поради тоа предлагачот не може согласно напред цитираната одредба да бара издавање на привремена мерка. Постапката за упис на Здруженијата на граѓаните и нивните промени е регулирано со Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и се води пред Централниот регистар на Р.М. Во недостаток на одредби на постапката за упис утврдени со Законот за едношалтерски систем се применува Законот за општа управна постапка, а против конечното решение може да се поведе управен спор, па заштита на своите права предлагачот може да бара во постапка пред Централниот регистар на Р.М.
Oд сето погоре изнесено, а согласно чл.370 од ЗПП се одлучи како во изреката на оваа одлука.
АПЕЛАЦИОНЕН СУД - ШТИП, 14.07.2010 год.
Претседател на советот,
Светолик Николов с.р.