Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Апелациониот Суд Штип

16.07.2010   ГЖ-1118/10
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

    АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП, во совет составен од судиите: Светолик Николов- претседател, Наќе Гeорѓиев и Јулијана Манчевска- членови, при записничар Гордана Филова, постапувајќи по тужбата на тужителите Б. Ј. и Е.Ј. и двајцата од с. С., против тужениот С. Ј. од с. С., за неосновано збогатување, и по противтужбата на тужениот Ј. С. од с. С. против тужителите Б. и Е.Ј. и двајцата од с. С., за неосновано збогатување, а по жалбите изјавени од жалителите-тужителите Б. Ј. и Е.Ј. и двајцата од с. С. и од жалителот-тужениот Ј. С. од с. С. против пресудата на Основниот суд во Струмица П.бр.176/09 од 23.12.2009 година, на одржаната седница на ден 14.07.2010 година ја донесе следната:

П Р Е С У Д А

Жалбата изјавена од жалителите-тужителите Б. Ј. и Е.Ј. и двајцата од с. С.,- СЕ УВАЖУВА.

Пресудата на Основниот суд во Струмица П.бр.176/09 од 23.12.2009 година во дел I од изреката,- СЕ ПРЕИНАЧУВА И ОДЛУЧУВА:

Тужбеното барање на тужителите Ј. Б. и Ј. Е.и двајцата од с. С.,- СЕ УСВОЈУВА

СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот Ј. С. од с.  С.  на име неосновано збогатување на тужителите Ј. Б. и Ј. Е. и двајцата од с. С. да им плати сума во износ од 180.798,оо ден. со камата на овој износ сметано од денот на поднесување на тужбата 30.04.2009 година па до конечната исплата, како и да на тужителите им ги надомести трошоците по постапката на делото во износ од 74.562,оо ден.во рок од 15 дена од приемот на ова одлука.

СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот Ј. С. од с.С. на тужителите Ј. Б. и Ј. Е.и двајцата од с. С. на име дополнителни трошоци за жалба да плати сума во износ од 14.835,оо денари.

Жалбата изјавена од жалителот-тужениот Ј. С. од с. С.,- СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

Пресудата на Основниот суд во Струмица П.бр.176/09 од 23.12.2009 година во дел II од изреката,- СЕ ПОТВРДУВА.

О б р а з л о ж е н и е

    Основниот суд во Струмица со пресуда П.бр.176/09 од 23.12.2009 година, тужбеното барање на тужителите Ј. Б. и Ј. Е. и двајцата од с. С. со кое бараат да се задолжи тужениот Ј. С. од с.  С. да на име неосновано збогатување им плати сумата во износ од 180.798,оо ден. со камата на овој износ сметано од денот на поднесување на тужбата 30.04.2009 година па до конечната исплата, како и да на тужителите им ги надомести трошоците по постапката на делото во износ од 74.562,оо ден, го одбил како неосновано.
    Противтужбеното барање на тужениот со кое бараше да се задолжат тужителите солидарно, на име неонсовано збогатување од неплатена закупнина за периодот сметано од 01.09.2005 година заклучно со 31.08.2009 год. му платат на тужениот сума во вкупен износ од 138.000,оо ден. со камата на овој износ согласно ЗВСЗК сметано од детно на поднесување на противтужбата 03.09.2009 година па до конечната исплата, како и да на тужениот солидарно му ги надоместат трошоците по постапката на делото во износ од 37.427,оо ден. го одбил како неосновано.
    Од ваквата одлука останале незадоволни тужителите и тужениот кои во навремен рок поднеле жалби. Тужителите ја побиваат првостепената пресуда поради погрешна примена на материјалното право, а тужениот поради суштествени повреди на одредбите од ЗПП и погрешна примена на материјалното право, па предлагаат жалбите да се усвојат, а побиваната пресуда укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно судење.
Апелациониот суд во Штип ги разгледа жалбите и сите списи во предметот, ја испита побиваната пресуда во смисол на чл. 354 од ЗПП па најде:

    Жалбата изјавена од тужителите е основана.
   
Основани се жалбените наводи на жалителот да првостепениот суд донесувајќи ја побиваната одлука во дел I од изреката, погрешно го применил материјалното право а тоа на правилно и целосно утврдената фактичка состојба поради што следуваше овој суд да ја преиначи побиваната одлука во дел I од изреката и да одлучи како во изреката на оваа одлука согласно чл. 361 од ЗПП од следните причини.
По однос на одлуката содржана во дел I од изреката првостепениот суд утврдил дека тужениот е син на тужителот роден во бракот на  тужителот Б. со сега покојната Љ. Ј. Тужителката Е.Ј. е втора брачна другарка на тужителот Б. Мајката на тужениот и прва сопруга на тужителот Б., Ј. Љ. починала на 15.09.1994 год. По нејзината смрт била спроведена оставинска постапка во која предмет на оставината на покојната Љ. била куќа со површина од 80 ари, двор со површина од 5 ари и овошна градина со површина 3,65 ари сите во м.в. С. на Кп.бр. 2875 во КО с. С. Со правосилно оставинско решение О.бр. 200/96 од 07.11.1996 година за наследници на целокупната оставина на покојната Љ. Ј. меѓу кои и на напред опишаните недвижности биле прогласени брачниот другар на оставителката-тужителот Б., нејзиниот син-тужениот С. и ќерката на оставителката односно свидетелката М. Ј. и тоа на сите тројца на по1/3 (една третина) идеален дел. Била спроведена постапка за физичка делба заведена под ВПП бр. 30/01 а во која постапка помеѓу наследниците Б., С. и М. била постигната судска спогодба Впп бр. 30.01 од 24.04.2001 год. Со истата спогодна тужениот С. во сопственост и владение ја добил куќата со дворно место и овошна градина на Кп.бр. 2875 во КО с. С. Тужениот во приземјето од таа куќа која била составена од приземје и спрат го оставил да живее неговиот татко-тужителот Б. кој подоцна се оженил со тужителката Елеонора, негова втора сопруга.  Тужениот со сопругата се одделиле и започнале да живеат на спратот од куќата а тужителите останале да живеат во приземјето на куќата. Во текот на 1999 година односите помеѓу тужителите од една страна и тужениот и неговата брачна другарка од друга страна се влошиле. Тужениот на повеќе пати ги опоменувал тужителите да го ослободат приземјето од куќата односно да се иселат од него, но како тужителите не одговарале на усмените ниту писмена опомена пред тужба, тужениот на ден 12.09.2005 година завел спор против Б. и Е., за исселување од приземјето на куќата на Кп.бр. 2875 во КО С..
Во времето кога од 2005 год. тужениот С. против сега тужителите Б. и Е. завел судски спор за исселување од приземјето на споменатата куќа и во периодот додека овој спор се уште не бил правосилно завршен, тужителите во приземниот дел од куќата и во дворното место сопственост на тужениот превзеле одредени градежни и граджно занаетчиски работи. Во текот на 2007 год. тужителот  Б. го затворил просторот под скалите што водат до првиот спрат од куќата и под терасата, со ѕидање на ѕид од тула со што добил нова просторија која странките ја нарекувале летна кујна, била поставена и нова железна врата и била изработена и монтирана настрешница за истата врата од железни профили како и била поставена спратна табла заедно со 4 осигурачи. Исто така, тужителите извршиле адаптирање на подрумот во простор за живеење и за таа цел биле извршени  градежни работи наведени во утврдената фактичка состојба. Сите овие работи тужителите ги превзеле во текот на 2006, 2007 и 2008 година. Исто така, во дворното место сопственост на тужениот С. тужителите извршиле бетонирање на подлога од бетон, изработка на надворешна канализација со пластични цевки, изработка на септичка јама. За сето време додека тужителите ги превземале градежните работи во куќата на тужениот С., пред судот помеѓу нив се водел спор за иселување а кој во 2008 година завршил со пресуда донесена П.бр. 816/05 од 24.12.2008 год. со која тужбеното барање на С. било усвоено во целост, а Б. и Е. биле задолжени да го испразнат од ствари и луѓе недвижниот имот сопственост на С.. По правосилноста на цитираната пресуда сега тужителите по спорот заедно со нивната малолетна ќерка која е на возраст од 10 години, се исселиле од куќата на тужениот и денес истите живеат во мала куќа која тужителот Б. ја направил од парите што ги добил од продажбата на нивите кои неговиот татко му ги поклонил во месец февруари оваа година. Пред заведувањето на спорот а со цел да се утврди вредноста на нивните вложувања во куќата на тужниот, тужителите до Основен суд Струмица, поднеле предлог за обезбедување на докази по кој бил заведен предмет ВПП.бр.5/09. Било извршено вештачење од страна на вешто лице А.К. - дипломиран инженер архитект од С., и според наодот и мислењето на вештото лице, вредност на превземените работи од страна на тужителите во куќата на тужениот изнесува 180.798,оо ден.
    На вака целосно и правилно утврдена фактичка состојба првостепениот суд по однос на одлуката содржана во дел I од изреката на побиваната пресуда, извлекол погрешен заклучок дека во конкретниот случај не настанало преминување на имотот од едно лице во имотот на друго лице и погрешно го применил материјалното право обивајќи го тужбеното барање како неосновано.
Согласно чл. 199 од ЗОО е предвидено: „Кога дел од имотот на едно лице преминало на било кој начин во имот на некое друго лице а тоа преминување нема своја основа во некоја правна работа или во законот, стекнувачот е должен да го врати тој дел од имотот, ако е тоа можно а инаку е должен да ја надомести вредноста на постигнатата корист. Под премин на имот се подразбира и стекнување на корист со извршено дејствие.“
    По мислење на овој суд во конкретниот случај ако се има во предвид утврдениот факт дека со извршените градежни работи од страна на тужителите во предметната куќа, кои градежни работи биле извршени со парични средства на тужителите, дел од нивниот имот преминал во имотот на тужениот во висина на извршените градежни работи од 180.798,ооден. тужителите имаат право на поврат на тој износ согласно правилата за враќање на стекнатото без основ.
    Овој суд согласно чл.160 од ЗПП го задолжи тужениот да плати на тужителите трошоци на постапката во износ од 74.562,оо ден. Досудените трошоци се по приложен трошков од полномошникот на тужителите и се однесуваат за: состав на предлог за обезбедување на докази износ од 3.900,оо денари, такси за предлог за обезбедување на докази износ од 600,оо денари,трошкови за увид на судот на лице место и за вештачење износ од 5.120,оо денари, за застапување во постапката за обезбедување на докази износ од 11.700,оо денари, часовнина за 3 часа износ од 2.300,оо денари, за отсуство од канцеларија на лице место за три часа износ од 2.340 ден. за превоз со сопствено возило износ од 1.000,оо ден. паушал од 30% износ од 6.084,оо денари, состав на тужба износ од 3.900,оо денари, такса за тужбата износ од 4.115,оо денари, такси за пресудата износ од 3.615,оо денари, за состав на полномошно износ од 1.300,оо денари, за застапување на 4 расправи по 3.900,оо денари или вкупен износ од 15.600,оо денари, часовнина за 4 расправи за 7 часа по 780,оо денари или вкупно 5.460,оо денари и паушал од 30% износ од 7.488,оо денари.
    Овој суд согласно чл.160 од ЗПП го задолжи тужениот да плати на тужителите на име дополнителни трошоци за жалба сумата во износ од 14.835,оо ден. од кои за состав на жалба со паушал износ од 7.065,ооден.и 7.230,оо денари за судски такси.

Жалбата изјавена од тужениот е неоснована
   
Неосновани се жалбените наводи на тужениот да првостепениот суд донесувајќи ја побиваната одлука, по однос на побиваниот дел од побиваната пресуда (дел II), да сторил суштествена повреда од чл.343 ст. 2 т. 13 од ЗПП, бидејќи изреката на побиваната пресуда е разбирлива, непротивречи сама на себе си ниту на причините на пресудата. Во побиваната пресуда во тој дел се наведени доволно причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето па како таква побиваната пресуда во дел втори од изреката, со сигурност може да се испита од страна на овој суд.
    Во фактичката состојба по однос на овој дел од одлуката судот утврдил дека по спроведената постапка за физичка делба ВПП бр. 30/01 и по постигнатата судска спогодба од 24.04.2001 година тужениот С. во сопственост и владение го добил предметниот недвижен имот. Утврдил дека и покрај тоа што бил исклучив сопственик на предметната куќа со дворно место и овошна градина тужениот во приземјето од куќата го оставил односно му дозволил на тужителот да живее а кој подоцна се оженил со тужителката Е. Тужениот и тужителот немале склучено договор за закуп, а користењето на приземниот дел од куќата од страна на тужителот било со дозвола на тужениот.
    Вака утврдената фактичка состојба во овој дел е правилно и целосно утврдена и произлегува од изведените и правилно ценети докази во смисла на чл. 8 од ЗПП.
    По мислење на овој суд, тужениот нема правен основ од тужителот да бара исплата на неосновано збогатување од неплатена закупнина бидејќи таковто право припаѓа на учесници во облигационен однос кои склучиле договор за закуп. Во конкретниот случај договор за закуп непостои. Тужителот приземниот дел од куќата го користел за живеење заедно со неговата брачна другарка,тужителката Е., со дозволен правен основ-согласност од неговиот син-тужениот па оттука не може да се смета дека тужителите неосновано се збогатиле живеејќи по просторот со дозвола на тужениот.   
    Oд сето погоре изнесено, а согласно чл.357 и чл.361 од ЗПП се одлучи како во изреката на оваа одлука.

    АПЕЛАЦИОНЕН СУД - ШТИП, 14.07.2010 год.

Претседател на советот,
Светолик Николов с.р.

Назад