АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП, во совет составен од судиите: Светолик Николов - претседател, Наќе Гeорѓиев и Јулијана Манчевска - членови, при записничар Гордана Филова, постапувајќи по тужбата на тужителот Л. В.од с. Г. Б., против тужениот Д. Н, од С., за сопственост и владение, и по противтужбата на тужениот Д. Н, од С. против тужителот Л. В.од с. Г. Б., за сопственост, а одлучувајќи по жалбата изјавена од тужениот-противтужител Д. Н, од С. против пресудата на Основниот суд во Струмица П.бр.520/08 од 04.02.2010 година на одржаната седница на ден 06.07.2010 година го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од тужениот-противтужител Д. Н, од С.,- СЕ УВАЖУВА.
Пресудата на Основниот суд во Струмица П.бр.520/08 од 04.02.2010 година,- СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење.
О б р а з л о ж е н и е
Основниот суд во Струмица со пресуда П.бр.520/08 од 04.02.2010 година тужбеното барање на тужителот го усвоил во целост.
Утврдил дека тужителот врз основа на договор за купопродажба на недвижен имот заверен под ОДУ бр.64/08 од 01.02.2008 година и по основ на одржувачка е сопственик и владетел на вкупна површина од 2553 м.кв. во КО Г. Б. и тоа на Кп.бр.1064/1 во површина од 2418 м.кв. ; Кп.бр.1064/2 во површина од 135 м.кв. означена како П1 на скицата од теренското мерење, а со мери и граници опишани како во дел I ст.2 од изреката на побиваната одлука.
Го задолжил тужениот то аправо на тужителот да му го признае и да трпи површината од 135 м.кв. во Агенцијата за катастар на недвижности, Одделение за катастар на недвижности во С., таквото право да се избрише од име на тужениот и да се запише на има на тужителот, сето тоа во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Барањето на тужителот да се задолжи тужениот уште со сума од 4.225,оо ден. на име трошоци по постапката го одбил како неосновано.
Противтужбеното барање на тужениот Н, Д. од С. делумно го усвоил.
Утврдил дека тужениот е сопственик на дел од Кп.бр.1064/2 во КО Г. Б., во вкупна површина од 1044 м.кв. на основа на договор за купопродажба ОДУ бр.191/01 од 05.09.2001 година.
Противтужбеното барање на тужениот против тужителот за утврдување на право на сопственост врз основа на одржувачка на површината означена како П1 во писменио наод и мислење на вештото лице со мери и граници навеени како во дел II ст.2 од изреката на побиваната одлука го одбил како неосновано.
Го задолжил тужениот да на тужителот му ги надомести трошоците по постапката во износ од 63.825,оо ден. во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
Од ваквата одлука останал незадоволен тужениот-противтужител кој во навремен рок поднел жалба поради суштествени повреди на одредбите од ЗПП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, па предлага жалбата да се уважи, а побиваната пресуда укине и предметот врати на првостепениот суд на повторно судење.
Тужителот-противтужен поднел одговор на жалбата со кој ги побива жалбените наводи на тужениот-противтужител па предлага жалбата да се одбие, а побиваната пресуда потврди.
Апелациониот суд во Штип ги разгледа жалбата, одговорот на жалбата и сите списи во предметот, ја испита побиваната пресуда во смисол на чл. 354 од ЗПП па најде:
Жалбата е основана.
Основани се жалбените наводи на жалителот да првостепениот суд донесувајќи ја побиваната одлука да сторил суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП. Сторената суштествена повреда се состои во тоа што изреката на побиваната пресуда е неразбирлива, во побиваната пресуда не се наведени доволно причини за решителните факти, постои противречност помеѓу изреката и причините дадени во образложението за решителните факти и како таква е неподобна за испитување од страна на овој суд.
Изреката на побиваната пресуда е неразбирлива, бидејќи во дел II (втори) од изреката на пресудата не е наведено за која површина и за која катастарска парцела се однесува одлуката по противтужбеното барање.
Во побиваната пресуда постои противречност помеѓу изреката и причините дадени во образложението за решителните факти. Како причини за донесување на побиваната пресуда првостепениот суд наведува дека тужителот се стекнал со право на сопственост на Кп.бр. 1064/1 во површина од 24,90 ари во КО Г. Б. врз основа на договор за купопродажба ОДУ.бр.64/08 од 01.02.2008год. Тужениот врз основа на договор за купопродажба од 05.09.2001 година се стекнал со сопственост на Кп.бр. 1064/2 нива во м.в. С. во површина од 1044 м.к.в. Првостепениот суд примил за утврдено дека парцелата со основен број 1064 е поделена на два дела и тоа на Кп.бр.1064/1 и Кп.бр. 1064/2. како и дека со аерофотограметриското снимање од 1980-84 година до востановувањето на новиот катастар на недвижности на име на тужителот во Пл.бр. 582 била запишана површина од 2490 м.кв. на Кп.бр. 1064/1, а тужениот за него во Ил.бр.849 на кп.бр.1064/2 успејал да запише површина од 1236 м.кв. за која површина судот во образложението на побиваната пресуда наведува дека тужениот фактички и ја владее.
Судот одлучувајќи по поставеното тужбено барање смета дека на тужителот односно на Кп.бр.1064/1 припаѓа површина од 2553 м.кв, а не досегашната површина од 2490 м.кв. Одлучувајќи по поставеното противтужбено барање, судот смета дека тужениот е сопственик на површина од 1044 м.кв. на Кп.бр. 1064/2. а не на површина од 1236 м.кв. како што истиот си ја има запишано во Ил.бр.849. Судот примил за утврдено дека површината предмет на овој спор претставува површина на скицата означена како П1, во форма на триаголник, со површина од 135 м.кв. со мери и граници како во изреката на пресудата, на лице место преставува дел од Кп.бр. 1064/2, дека истата по востановувањето на новиот катастар претставува катастарска парцела на Кп.бр. 1064/1. Поради ова судот смета дека на тужителот односно на Кп.бр.1064/1 му припаѓа површина од 2553 м.кв, а не досегашната површина од 2490 м.кв. а на тужениот му припаѓа односно е сопственик на површина од 1044 м.кв. на Кп.бр. 1064/2.
Вака наведените причини за донесувањето на одлуката по тужбеното и по противтужбеното барање се противречни самите на себе и со содржината на изведените докази. Според содржината на изреката на пресудата, судот наведува дека тужителот врз основа на договор за купопродажба на недвижен имот и по основ на одржувачка е сопственик и владетел на вкупна површина од 2553 м.кв. во КО Г. Б. и тоа на Кп.бр.106/1 во површина од 2418 м.кв. и Кп.бр.1064/2 во површина од 135 м.кв. иако од изведените докази не произлегуваат за утврдени решителните факти поради чие постоење судот смета дека тужителот по пат на одршка се стекнал со право на сопственост на површина од вкупно 2553м.кв. За решителниот факт, каква состојба и површина на недвижностите, во моментот на пресудувањето, странките имаат запишано во имотните листови не постои во списите на предметот ниту доказ-имотен лист.
Поради напред сторената суштествена повреда се доведува под оправдано сомнение и утврдената фактичка состојба од страна на првостепениот суд а на кое нешто основано укажува и жалителот во жалбата.
При повторното судење првостепениот суд ќе треба да ја отстрани погоре наведената суштествена повреда, така што ќе даде доволно причини за решителните факти. Од изведените докази произлегува дека се работи за две соседни парцели која настанале со цепење на парцелата кп.бр 1064. Во случајот и тужениот и тужителот купиле свои делови од оваа парцела, но останала како спорна површина од 135м.кв. Пред основниот суд,имајќи ги во предвид,поставените тужбено и противтужбено барање, се постауваат две прашања од кои зависи одлучувањето по оваа правна работа. По однос на одлучувањето по поставеното тужбеното барање,судот е должен да утврди со сигурност колкава површина тужителот купил од правниот претходник, на колкава површина бил воведен во владение, дали правниот претходник-продавачот ја владеел само површината опфатена со договорот за купопродажба, или пак му предал во владение на тужителот поголема површина од наведената во купопродажниот договор. Судот да утврди во кој момент сега тужителот почнал да ја владее целата површина од вкупни 2553м.кв. и тоа на Кп.бр.1064/1 со запишана површина од 2418 м.кв. ; Кп.бр.1064/2 во површина од 135 м.кв.и дали го има потребното време да се стекне по пат на одршка со право на сопственост на вкупно 2553м.кв.
По однос на противтужбеното барање судот да утврди колкава површина противтужителот купил, на која површина бил воведен во владение и како дошло до запишување на повеќе површина од 192м.кв. По потреба да се изврши и дополнение на вештачење на оваа одколност, како и да се приклучат кон списите на предметото имотните листови за предметните недвижности. Судот е должен да утврди, дали навистина тужениот во ИЛ.бр849 си има запишано дополнителни 192м.кв и кога е запишана таквата состојба во јавната книга, како и да утврди зошто тужителот не поднел тужба за бришење на погрешно запишаното.
Откако ќе ги утврди овие решителни факти, првостепениот суд ќе може да утврди правилна и целосна фактичка состојба, па со правилна примена на материјалното право да донесе правилна и законита одлука.
Oд сето погоре изнесено, а согласно чл.358 од ЗПП се одлучи како во изреката на оваа одлука.
АПЕЛАЦИОНЕН СУД - ШТИП, 06.07.2010 год.
Претседател на советот,
Светолик Николов с.р.